Периодот на реалистичкото изразување трае од деветтаата до единаесеттата година кога детето интензивно остварува контакти со своите врсници.  Преминот во оваа фаза е постепен, детето се труди во цртањето на предметите да прикаже што е можно повеќе начини и тоа во однос на набљудувачот и во однос на другите предмети. Тие настојуваат во прикажувањето на предметите да нацртаат што е можно повеќе вистински карактеристики, односно детето се повеќе тежи кон тоа својот предмет да го прилагоди на објективниот свет и секој предмет во цртежот да има своја мисла. После осмата или деветтата година во цртежот се појавува длабочината, односно третата димензија. Просторот се прикажува реалистички со правилен , односно објективен распоред на предметите и перспективата.

                     Постојат карактеристични разлики  во цртежите на девојчињата и момчињата. Тие се однесуваат пред се  на изборот на тематиката и на самиот начин на прикажување. Машките деца во своите цртежи многу добро ја забележуваат пропорцијата на предметите и се трудат цртежот да им биде што е можно пореален, додека девојчињата посветуваат помалку внимание на димензиите и пропорцијата на поедини делови. Утврдено е дека девојчињата порано покажуваат смисла за бои, отколку машките.

       Графички елементи на цртежот се:

  • Големина
  • Оддалеченост од работ.. лев-десен, горен – долен
  • Однос спрема вертикалната оска
  • Пропорционалност на елементите ( глава, раце, стапала, стабилност )
  • Притискањето на хартијата
  • Симетричност
  • Квалитет на работата ( педантност, грубост, бизарност )
  • Нагласување на зона ( горна, средна, долна )

Правецот на профилот на нацртаната фигура на човек е поврзан со употреба на десната, односно левата рака ( деснораките кон лево, левораките кон десно )

  Повеќето прво ја цртаат фигурата на оној пол на кој му припаѓаат, што значи дека се идентификуваат со својата полова улога, а ако не е така во текот на развојот можеби има настанато нарушување во идентификацијата.

Секое слободно цртање содржи проективни елементи, што е знак дека детето во цртежот ги внесува своите тежнеења, желби, фантазии, разни чувства, како што се чувството на пријателство, љубов, омраза, завист, раздразнетост и сл.

     Во слободното цртање детето секогаш го внесува она што емоционално најмногу го привлекува или одбива. Она што го привлекува го става во преден план и цртежот го бои со посветли бои, а она што го одбива обично го црта како помало и го бои со темни бои.

Ако неговите слики покажуваат борба, секогаш победуваат оние за кои детето чувствува симпатија. Импулсивните, енергичните деца, цртаат смело, додека плашливите повлекуваат тенки, несигурни црти и го цртаат цртежот во аголот на хартијата.

Во многу детски цртежи се појавува сонцето. Некои автори тврдат дека децата кои почесто  цртаат сонце не покажуваат емоционални потешкотии. Во своите цртежи децата искажуваат желба да бидат големи и возрасни, се цртаат себеси како возрасни личности.

Детето со помош на зборови не може, не знае или не смее да го изрази, го изразува во својот цртеж. Тоа во својот цртеж е поискрено отколку во останатите средства за изразување кои за него се многу потешки ( говор, пишување, пеење, свирење )

Со цртањето детето создава брзо, спонтано, без поголемо размислување. Се што ќе нацрта детето, треба да го примиме со пофалба и со воодушевување кон неговиот успех. Негативното критикување на неговиот цртеж, посебно критиката зошто не го нацртало цртежот онаков каков што го гледа во стварноста е бесмислено затоа што детето пред време не може да се присили да црта реалистички. Доколку постапуваме критички кон цртањето на детето, можеме да создадеме плашливост, неодлучност, па дури и отпор кон цртањето ( Икадиновиќ – Талевска, Н, 1988 )

 

автор:

М-р Ивана Урадревиќ, лиценциран логопед

Спец. едукатор и рехабилитатор

Photo by Pexen Design from Pexels