Како бременоста ќе влијае на вас, а како вашите години на бременоста?

Повеќето стручњаци сметаат дека не постои некое одредено “право време” за основање семејство. Меѓутоа, постојат и предности и недостатоци при раѓање во одредени години. Во дваесеттите ќе имате повеќе енергија за трчање по детето  и грижа за него, но веројатно помалку финансиски средства и секако помалку животно искуство на кое би можеле да се ослоните. Во текот на триесеттите и четириесеттите  ќе бидете финансиски посигурни, но можеби потешко ќе забремените или потешко ќе ја одржите бременоста, а потребно е и да останете во чекор  и да издржите до крај со вашето активно дете.

Подолу следат неколку  причини “за” и “против” бременост во одредени години.

Од 20 до 24 години
Вашето тело

Ова се вашите најплодни години, циклусот ви е најверојатно редовен и најчесто проследен со овулација. Сепак, и  во овакви услови, можеби нема да забремените во моментот кога ќе посакате. Во просек, жена на возраст од 20 до 24 години секој месец има околу 20% шанса да забремени ако има незаштитен однос.

Кога ќе забремените, веројатно ќе ви го проверуваат крвниот притисок при секоја посета на доктор, и покрај тоа што жената во дваесеттите години има мали шанси за хипертензија во текот на бременоста. Поновите истражувања покажуваат дека кај жената на таа возраст постои дупло помал ризик за развој на гестацијски дијабетис отколку кај жена во четириесетите, поради што кај жените под 25 години многу ретко се вршат вообичаените тестови за дијабетис.

Вашата емотивна состојба

Како ќе се чувствувате во текот на бременоста зависи, во најголема мера, од тоа како стојат другите работи во вашиот живот. Некои жени, кој го одложуваат напредувањето во работата да би родиле дете, може да се случи да имаат поделени чувства, па дури да се јави и огорченост на самиот почеток. Уште една од вообичаените грижи е промената на изгледот, која кај помладите жени е секако поизразена, а склони се и кон тоа да посветуваат поголемо внимание на својот брак,  отколку на другите аспекти од својот живот, како на пример работата, па така вклучувањето на уште една личност во него, може да биде тешко.

Ризик за бебето

Можноста за спонтан абортус во овие години е најниска, околу 9,5%. Поради тоа што јајце клетките се сеуште релативно млади, многу се помали шансите бебето да се роди со некаква аномалија (како што е Даунов синдром) или некои други хромозомски пореметувања. Но, сепак, кај оваа старосна група, бројот на деца родени со вакво пореметување статистички е најголем, затоа што кај овие жени изостанува тестирањето кое редовно се врши кај жените над 35 години, а преку кое на време се откриваат ваквите аномалии и после кое често доаѓа до прекинување на бременоста.

Од 25 до 29 години
Вашето тело

Ако се храните здраво и вежбате, а со тие навики продолжите и во текот на бременоста, поголема е шансата да се породите полесно и побрзо да се вратите во форма, во однос на оние жени кои помалку време им посветуваат на здравите навики. Иако е така во сите животни периоди, во текот на дваесеттите сте во најдобра физичка форма, што значајно го олеснува породувањето и враќањето на тежината пред забременувањето.

Што се однесува до подолгорочното влијание на здравјето, некои студии покажуваат дека ако почнете со раѓање во своите дваесетти години, ќе бидете под помал ризик од заболување и развој на рак на дојките и јајниците. Докторите сметаат дека хормоналните промени, кои се случуваат при овулација (зголемено ниво на естроген  и прогестерон) ги стимулираат јајниците и дојките секој месец, зголемувајќи ги изгледите за добивање на овој тип на рак, а што почесто сте трудни , помалку пати овулирате.

Вашата емотивна состојба

Во доцните дваесетти веројатно веќе сте изградиле стабилност на работен план, и во зависност од тоа кога сте стапиле во брак, вашиот однос со сопругот е веројатно во подобра форма да ги поднесе промените кои родителството со себе ги носи.

Ризик за бебето

Стапката за спонтан абортус е околу 10%, нешто повисока отколку кај жените во рани дваесетти. Со 25 години, шансите да родите дете со Даунов синдром се 1 во 1250, а шансите да се роди дете со било која хромозомска аберација се 1 во 476 случаи.

Од 30 до 34 години
Вашето тело

Плодноста почнува да опаѓа околу 30-те години, но оваа промена доаѓа постепено во наредните пет години. Ако е потребно да се лечите од неплодност, шансите за успех во овие години се многу поголеми отколку кај постарите жени. Кај жените под 35 години успехот на ин витро оплодувањето се движи од 25-28%, додека кај жените преку 40 години, паѓа на околу 6-8%.  Една студија открива и дека процентот на царски рез е скоро дупло поголем кај жените од 30 до 34 години, отколку кај оние во дваесеттите, иако лекарите не знаат зошто е тоа така.

Вашата емотивна состојбa

Жените кои биле во потполност посветени на кариерата, во текот на своите дваесетти години, се во основа подготвени за создавање семејство на почетокот на новата деценија, а имаат и енергија и приходи за тоа. Но, можно е да се чувствуваат растргнати на повеќе страни. А може да се јави и загриженост за тоа дали ќе бидат во состојба да се вратат на својата кариера и дали воопшто ќе го сакаат тоа.

Ризик за бебето

Во овие години ризикот од спонтан абортус е 11,7%. Кога ќе влезете во триесеттите, ризикот од раѓање дете со Даунов синдром е 1во 952 случаи, а бебе со друга хромозомска аберација 1 во 385.

Од 35 до 39 години
Вашето тело

Плодноста продолжува да опаѓа по 35 година, а околу 38та доаѓа до значаен пад кој се заснова на страеење на јајцеклетките и станува се потешко да се дојде до оплодување.  Се до 35та се советува до бременост да се дојде со незаштитен однос во период од една година, а дури потоа да се побара лекарска помош и да се лечи неплодноста, додека кај жените по 35та тој период се скратува на 6 месеци. Најголем проблем кај паровите кои се лечат од неплодност, претставува токму  тоа одложување на лечењето, затоа што постои голема разлика во успешноста на терапијата кај жените во доцни триесетти и оние во рани четириесетти. Многу клиники дури ни не примаат пациентки кои се постари од 39 или 40 години.

Ризикот од висок крвен притисок кај жените над 35 година дупло е поголем во споредба со помладите. Хипертензијата ги погодува околу 10-20% од трудниците во оваа старосна група. Гестацијскиот дијабетис е два до три пати почест кај жените преку 35та, а уште е поголем ако жената добила на килажа повеќе од нормалното во текот на претходните години.

Жените од 35-39 години имаат дупло поголеми шанси за царски рез во однос на оние во дваесеттите, веројатно затоа што породувањето трае подолго кај постарите жени. Ако втората фаза од породувањето трае подолго од два часа, акушерите често интервенираат со царски рез како би го намалиле стресот кој бебето го трпи.

Вашата емотивна состојба

Ова се години во кои лекарите најчесто препорачуваат амниоцентеза или некој друг метод на пренатална дијагностика, кои кај многу жени предизвикуваат немир додека ги чекаат резултатите, знаејќи дека ризикот од хромозомски пореметувања е значајно поголем во оваа старосна доба.

Ризик за бебето

Веројатноста дека ќе имате повеќе од едно бебе, двојки или тројки, значајно е поголема во доцните триесетти и раните четириесетти години, поради тоа што хормонската стимулација на јајниците се менува со стареењето, зголемувајќи ги шансите за отпуштање на повеќе од една јајцеклетка. На овој начин, можеби мајката природа го надокнадува фактот дека  некои од јајцеклетките ќе бидат дефектни. Жените кои земаат лекови против неплодност, исто така имаат поголеми шанси за повеќекратна бременост поради тоа што лековите ги стимулираат јајниците  во производството на јајцеклетки.

Процентот од спонтан абортус по 35-та година е скоро 18%. Процентот на мртвородени бебиња е дупло поголем меѓу постарите трудници, иако причините за тоа не се утврдени.

Од 40 до 44 години
Вашето тело

Најпрво добри вести: поновите истражувања покажуваат дека жените кои ќе родат дете по 40-та година, без помош на лекови и други методи на асистирано оплодување, живеат подолго од оние кои забремениле порано. Зошто? Една од теориите е дека естрогенот, кој и понатаму обилно се лачи кај жените кои немаат проблем со плодноста, го продолжува животот на срцето, коските и другите органи. Сепак, помалку од 1% од жените од 40-44 години може да роди. Шансите да забремените по 40 година, паѓаат на само 5%.

Како ќе ја поднесете бременоста и породувањето во 40-те зависи од повеќе фактори, вклучувајќи и во каква физичка форма сте, потоа општите здравствени навики, како и од тоа дали се работи за ваше прво дете. Трудниците во 40-те најчесто се жалат на постојан замор. Хормонските промени доведуваат до чувство на замор кај сите трудници, но изгледа дека тој замор е поизразен кај постарите.

Ако веќе сте раѓале, може да се случи да бидете склони на хемороиди, притисок во бешиката, опуштање на ткивото на матката и опуштање на градите, затоа што мускулите и другите ткива во овие делови на телото веќе поминале низ истегнување. Можете да се обидете да го намалите овој ефект трудејќи се, за време на бременоста да не подигате тешки предмети, да бидете умерено активни и да правите Кегелови вежби кои ги зацврстуваат вагиналните мускули.

Вашата емотивна состојба

Кога ќе дојдете до 40 години, веќе ќе имате доволно животно искуство и зрелост на кои ќе можете да се ослоните при подигање на детето. Веројатно ќе имате и повеќе трпение, отколку во своите дваесетти, а веројатно и повеќе грижи. Најчесто од типот: “Ќе бидам престара кога детето ќе ми тргне на факултет”, Паровите често сфаќаат дека децата ќе им отидат од дома дури кога ќе имаат 60 или 70 години. Постарите родители мораат да направат рамнотежа меѓу тагата поради губењето на слободата и радоста која ја дава детето.

Ризик за бебето

Околу една третина од бременостите кај жените од 40 до 44 години се завршува со спонтан абортус. Има неколку причини за тоа: јајцеклетките можат да бидат дефектни од самиот почетокендометријумот (слузницата во матката) може да биде претенка или доводот на крв во матката да биде премногу слаб да би се одржала бременоста. Зголемен е и ризикот од плацента превиа (placenta praevia) – ниска поставеност на плацентата, на дното на матката која делумно или потполно го блокира отворот на грлото од матката и создава опасност од крварење или од одвојување на постелката, при што дел или целата плацента се одвојува од зидот на матката. А и бебињата на трудниците во четириесеттите години имаат поголеми шанси за раѓање со помала телесна тежина –под 2,5кг.

Ризикот од хромозомски аберации рамномерно расте со секоја година по влегувањето во четириесеттите. Ако раѓате во четириесеттите години, шансите се 1 во 106 детето да се роди со Даунов синдром , а 1 во 66 со некоја друга хромозомска аномалија. До 44 година, овој ризик скока на 1 во 38, односно 1 во 26 случаи.

Од 45 до 49 години
Вашето тело

Процентот на жени кои раѓаат во овие години е 0,03%, а шансите за успешно лечење на неплодноста драстично опаѓаат. Самата можност за зачнување и одржување на бременоста претставуваат успех и одраз на вашето добро здравје. Често можеме да слушнеме приказни за жените кои успеваат да добијат дете во доцните четириесетти по пат на ин витро оплодување, меѓутоа повеќе од половина од ваквите случаеви, успехот им го должат на донаторските јајцеклетки.

Ако сте успеале да забремените, веројатно ќе морате да минете низ повеќе ригорозни тестирања. Повеќето трудници во четириесеттите минуваат низ некој вид тестови на оптеретување како би се утврдило здравјето на нивниот кардиоваскуларен систем, а со поголемо внимание се пратат и знаците на дијабетис, проблеми со бубрезите и сл., отколку кај помладите трудници.

Дури и ако сте во одлична физичка кондиција, бременоста и породувањето ќе бидат потешки отколку да сте во истата кондиција и во своите дваесетти. Бременоста е на некој начин, како еден спортски натпревар – количината на крв скоро се дуплира, се зголемува напорот на срцето, а дополнителната тежина ги оптеретува мускулите и зглобовите.

Вашата емотивна состојба

Повеќето жени во овие години се загрижени за здравјето на своето бебе, како и за сопственото здравје и тоа со добра причина, бидејќи ризикот за мајката и за бебето е навистина зголемен во овие години. Но, многу од бременостите во ова доба имаат добар исход. Што поголема грижа водите за себе, толку се поголеми шансите за успешна бременост.

Ризик за бебето

Повеќето од половина бремености кај жени преку 45 години се завршуваат со спонтан абортус пред 20-та гестацијска недела. Ризикот од раѓање мртвородено бебе е дупло поголем во четириесеттите отколку во дваесеттите, поради што овие жени се подложни на дополнителни испитувања во последните недели од бременоста. Опасноста од хромозомски пореметувања драстично се зголемува. Со 45 години изгледите да се роди дете со Даунов синдром се 1 во 30, а 1 во 21 со друг недостаток.  Кај жените од 49 години тој ризик е 1 во 11, односно 1 во 8 случаи.

Преку 50 години

Просечно време за влегување во менопауза е  51 година, односно меѓу 45 и 55 година.  Скоро сите бремености кај жени преку 50 години се потпомогнати или со лекови против неплодност, хормонски суплементи или најчесто со донаторски јајцеклетки. Жените кои и понатаму овулираат обично мораат да земаат прогестерон најмалку првите два месеца како би успеале да ја одржат бременоста. Жените кај кои овулацијата престанала неможат да затруднат без донаторски јајцеклетки и мораат да земаат естроген и прогестерон скоро во текот на целата бременост, се додека плацентата не почне сама да ги произведува овие хормони.

Во овие години можноста од компликации е многу голема, вклучувајќи хипертензија, проблеми со бубрезите, како и проблеми со плацентата, па неопходно е строго надгледување и внимание.

Во овие години се јавува проблем и кога бебето ќе се роди. Сите знаеме дека постојат педесетгодишни жени кои се поенергични од некои на дваесет, а имаат и неспоредливо повеќе зрелост и искуство, но на овие жени сепак им е потребна дополнителна енергија и издржливост како би успеале да бидат со бебето на секои два саата на пример, или да трчаат по дете кое тукушто проодело.

Статистиката покажува дека ако жената успеала да забремени, ако се грижи за себе и ако се пренаталните тестови негативни, има многу поголеми шанси да роди здраво дете, без оглед на тоа колку години има. Процентот на смртност на фетусот е паднат за околу 70% во однос на 1960-те, а тоа се одлични вести за сите трудници.